Предлог законот за енергетика претставен пред стопанствениците и јавноста

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, одржаа прес- конференција во врска со предлог-законот за енергетика.

Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши посочија дека со предлог-законот за енергетика се овозможува сигурност, стабилност, безбедност и квалитет во снабдувањето со енергенти на крајните потрошувачи. Вицепремиерот Анѓушев истакна дека станува збор за предлог-закон кој е резултат на повеќедецениско европско искуство во енергетиката и ќе спречи да се прават грешки што се правеле во минатото, а ќе овозможи енергетското живеење во Македонија да се доведе во рамките на најдобрите европски пракси. На претставувањето на новиот закон присуствуваше и директорот на “Нафтовод Дооел Скопје” Г-дин Марјан Огњановски и директорот на “Вардакс” Г-дин Партенопулус. Во делот за функционирањето на нафтоводот Скопје -Солун се предложени неколку измени и дополнувања.

VIII. ПАЗАР НА СУРОВА НАФТА, НАФТЕНИ ДЕРИВАТИ И ГОРИВА ЗА ТРАНСПОРТ
Вршители на енергетски дејности
Член 138
(1) Вршителите на енергетски дејности:
1) преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати
2) производство на биогорива,
3) производство на горива наменети за транспорт со намешување на нафтени деривати и биогорива,
4) транспорт на сурова нафта преку нафтовод,
5) транспорт на нафтени деривати преку продуктовод, и
6) трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, горива за транспорт и биогорива,
се должни објектите, уредите и постројките за вршење на енергетските дејности да ги користат и одржуваат во согласност со техничките прописи и стандарди и другите прописи за сигурно и безбедно работење и заштита на животната средина.
Правила за работа на нафтовод
Член 139
(1) Вршителот на дејност транспорт на сурова нафта преку нафтовод е должен да донесе правила за работа на нафтоводот, и истите да ги објави на својата веб страница. Во овие правила особено се уредуваат:
1) техничките услови за транспорт на сурова нафта
2) техничките услови за одржување и безбедно функционирање на нафтоводот,
3) мерките и постапките што треба да се спроведат во случај на хаварии,
4) начинот, условите и постапката за договорен пристап на трети страни до системот за транспорт на сурова нафта,
5) функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење на транспортираните количини на сурова нафта, и
6) другите услови неопходни за безбеден и сигурен транспорт.
(2) Вршителот на дејноста транспорт на сурова нафта преку нафтовод е должен правилата од ставот (1) на овој член да ги изготви во согласност со техничките прописи од Член 138 од овој Закон и да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика заради одобрување.
Правила за работа на продуктовод
Член 140
(1) Вршителот на дејност транспорт на нафтени деривати преку продуктовод е должен да донесе правила за работа на продуктоводот, и истите да ги објави на својата веб страница. Во овие правила особено се уредуваат:
1) техничките услови за транспорт на нафтените деривати
2) техничките услови за одржување и безбедно функционирање на продуктоводот,
3) мерките и постапките што треба да се спроведат во случај на хаварии,
4) начинот, условите и постапката за договорен пристап на трети страни до системот за транспорт на нафтените деривати,
5) функционалните барања и класата на точност на мерните уреди, како и начинот на мерење на транспортираните количини на нафтените деривати, и
6) другите услови неопходни за безбеден и сигурен транспорт.
(2) Вршителот на дејноста транспорт на нафтени деривати преку продуктовод е должен правилата од ставот (1) на овој член да ги изготви во согласност со техничките прописи од Член 138 од овој Закон и да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика заради одобрување.
Трговец
Член 141
(1) Трговецот на големо со горива купува сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, и/или горива за транспорт од производители, тргува со други трговци на големо со горива и ги снабдува трговците на мало со горива и крајните потрошувачи.
(2) Трговецот на големо со горива треба да има во сопственост или да има право на користење објекти за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, и/или горива за транспорт.
(3) Трговецот на големо со горива е должен во секое време да има оперативни резерви од нафтени деривати и горива за транспорт.
(4) Министерот со правилник го пропишува начинот на пресметка на оперативните резерви.
(5) Во случај на потешкотии во снабдувањето и одредени технички проблеми, Владата, на барање на Министерството со одлука може да дозволи користење на оперативните резерви.
(6) Потрошувачите можат да набавуваат нафтени деривати, биогорива, и горива за транспорт и од странство доколку нафтените деривати или горивата за транспорт ги користат исклучиво за сопствена потрошувачка која не е поврзана со транспорт, за што не е потребна лиценца за трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, или горива за транспорт.
Продажба на течен нафтен гас компримиран природен гас
Член 142
(1) Трговецот на големо со сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт може да полни и дистрибуира садови под притисок со течен нафтен гас за еднократна или повеќекратна употреба, ако има изградено или има право на користење полнилници за течен нафтен гас коишто ги задоволуваат пропишаните услови и стандарди за изградба, одржување и безбедно функционирање.
(2) Трговецот на големо со сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт може да полни и дистрибуира садови под притисок со компримиран природен гас за еднократна или повеќекратна употреба, ако има изградено или има право на користење полнилници за компримиран природен гас коишто ги задоволуваат пропишаните услови и стандарди за изградба, одржување и безбедно функционирање.
(3) Министерот со правилник ги пропишува условите за изградба, одржување и безбедно функционирање на полнилниците за течен нафтен гас и компримиран природен гас.
(4) Логото на трговецот мора да биде истакнато на секој поединечен сад под притисок за течен нафтен гас и компримиран природен гас.
Член 143
(1) Објект за складирање на сурова нафта, нафтени деривати, биогорива, или горива за транспорт претставува техничко-технолошка и функционална целина наменета за складирање составена од резервоари и помошни постројки, кои треба да ги исполнува пропишаните услови за изградба и одржување, како и минимално-техничките услови во поглед на заштита од пожари, заштита на животна средина, евидентирање на количините и употребениот капацитет.
(2) Министерот ги пропишува условите за изградба и одржување и минимално-техничките услови од став (1) на овој член.
Одредување на цени
Член 144
(1) Највисоките рафинериски и малопродажни цени на одделни нафтени деривати и највисоките малопродажни цени на намешувањата на нафтени деривати и биогорива се определуваат во согласност со прописот за формирање на цените на нафтени деривати и горивата за транспорт од Член 24 од овој Закон.
(2) При определување на највисоките малопродажни цени на намешувањата од нафтени деривати и биогорива треба да се земат предвид највисоката рафинериска цена на соодветниот нафтен дериват, берзанската цена на биогоривото и трошоците за намешување, во согласност со прописот Член 24 од овој Закон.
(3) Одлуката за највисоките рафинериски и малопродажни цени на одделни нафтени деривати ја донесува Регулаторната комисија за енергетика по барање за определување на највисоките рафинериски цени на одделни нафтени деривати поднесено од правното лице за преработка на сурова нафта и производство на нафтени деривати, во согласност со прописот од Член 24 од овој Закон.
(4) Одлуката за највисоките малопродажни цени на намешувањата од нафтени деривати и биогорива ја донесува Регулаторната комисија за енергетика по влегувањето во сила на одлуката од ставот (3) на овој член, во согласност со прописот од членот Член 24 (3) од овој Закон.
Квалитет
Член 145
(1) Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството, донесува уредба за квалитетот на течните горива, која што особено го содржи следново:
1) видот на течни горива што можат да се пласираат на пазарот како и нивните карактеристики,
2) начинот на утврдување на квалитетот на течните горива,
3) начинот и постапката за следење на квалитетот на течните горива,
4) правата и обврските на учесниците на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт од ставите (2) и (3) од овој закон,
5) правата и обврските на учесниците на пазарот и државните органи во преодниот период потребен за замена на резервите на намешувањата од нафтени деривати и биогорива за транспорт.
(2) За квалитетот на нафтените деривати и горивата за транспорт се одговорни производителите, трговците на големо со горива, трговците на мало со горива, потрошувачите од Член 141 став (6) од овој закон, како и Царинската Управа и Државниот Пазарен инспекторат, во согласност со уредбата од став (1) на овој член.
(3) Квалитетот на нафтените деривати и горивата за транспорт се потврдува со изјава за сообразност што производителите, трговците на големо на дериватот или горивото за транспорт, трговци на мало со горива, како и потрошувачите кои набавуваат нафтени деривати, биогорива, и горива за транспорт и од странство ја обезбедуваат од правни лица акредитирани согласно со стандардот МКС ЕН ИСО/ИЕЦ 17020 врз основа на извештај за испитување на квалитетот на дериватот или горивото за транспорт од страна на лаборатории акредитирани согласно со стандардот МКС ЕН ИСО/ИЕЦ 17025.